Кандидатот за претседател на СДСМ, Славјанка Петровска, испрати официјален допис до Централната изборна комисија за претседателските избори во СДСМ.
Петровска преку писмо ја известува ЦИК на СДСМ дека се повлекува од кандидатурата за претседател.
„Сакајќи да го заштитам СДСМ од нелегитимниот избор на претседател и да не бидам соучесник во ова прекршување на Статутот, објавувам дека се повлекувам од кандидатурата за претседател на СДСМ. Бидејќи овој процес за мене е неприфатлив, барам моето име да не стои на гласачкото ливче, за да не бидат измамени гласачите“, пишува Петровска.
Таа во дописот наведува дека и покрај тоа што на средбата со претставниците на ЦИК укажала на бројни неправилности, Петровска не добила никаков одговор што ги побива нејзините тврдења.
„Имајќи ги предвид основните политички принципи дефинирани во Статутот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, кои ја потврдуваат нашата определба како социјалдемократ за целосно почитување на човекот, неговото достоинство, права и слободи, како и нашата заедничка заложба за чесност, фер и достоинствени избори за претседател на СДСМ, на кои сите кандидати мора да имаат еднакви можности за претставување и лобирање, вчера на средбата одржана во просториите на СДСМ со претставниците на ЦИК информирав за сериозни забелешки во однос на точноста и легитимноста на Изборниот список. злоупотребата на личните податоци на илјадници членови на СДСМ, која продолжи и денес, но за жал не добив одговор кој ги побива сите овие тврдења. Како социјалдемократ верувам во чесноста со која треба да се обратиме на нашите соборци и затоа сите овие воспоставени и докажани сомнежи ја нарушуваат легитимноста на овие избори и резултати“, се вели во писмото на Петровска.