На поранешниот претседател на Украина, Петро Порошенко, не му е дозволено да ја напушти земјата.
Петро Порошенко на социјалните мрежи објави видео од дискусијата со граничарите и нагласи дека е на службен пат потпишан од претседателот на парламентот Руслан Стефанчук.
„Далеку сум од мислењето дека граничарите дејствувале самоиницијативно. Секој може сам да погоди кој го откажал документот потпишан од претседателот на парламентот“, изјави петтиот претседател на Украина, алудирајќи дека зад се стои кабинетот на актуелниот претседател на државата Володимир Зеленски.
Петро Порошенко тврди дека сакал да замине на службен пат во Полска и Соединетите Американски Држави, каде требал да има „неколку десетици“ закажани средби. Тој тврди и дека имал закажана средба со новиот претседател на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон.
Подоцна се огласи и државната гранична служба на Украина и објасни зошто на Петро Порошенко не му бил дозволен излез во странство.
„Народните пратеници за време на вонредната состојба имаат право да ја преминат државната граница за патување врз основа на релевантни одлуки“, рекол претседателот на државната гранична служба Андреј Демченко, кој нагласил дека службеното патување на Петро Порошенко во странство е откажано и затоа не било дозволено тој да ја премине државната граница на Украина.
На Петро Порошенко, исто така, му беше забрането да оди во странство двапати во мај 2022 година.