Веста за младата Вања Ѓорчевска (14 г.) која исчезна во понеделникот наутро во Скопје на пат кон училиште ја крена на нозе не само цела Македонија туку и регионот.
Потрагата трае од понеделникот, во која се вклучени полицијата, семејството, но и бројни граѓани и соученици на девојчето кои споделуваат објави на социјалните мрежи, убави постери со нејзина фотографија и бараат какви било информации за исчезнатото девојче.
Последен пат Вања Ѓорчевска била видена на булеварот „Партизанска“ пред кафе-барот „Броз Кафе“, по што и се губи секаков траг, а последниот сигнал од нејзиниот телефон бил преку улицата од Универзална сала.
По барање на МВР, распишана е меѓународна потерница од Интерпол. Министерството за внатрешни работи распиша жолта потерница до Интерпол, што значи дека сите полицајци-членки на Интерпол добиле такви информации, доколку таа повеќе не е на територијата на Македонија.
Фотографијата на Вања Ѓорчевска ги преплави социјалните мрежи и во Македонија и во регионот.
„Полицијата интензивно работи на случајот. Не сакам да се сомневам во ништо и во овие моменти морам да останам силна. Јас сум во контакт со полицијата неколку пати на ден, им кажувам се што ми паѓа на памет, се што ми пречи, што е важно за истражителите… Тие буквално работат деноноќно. Секако дека се надевам на најдоброто“, изјави мајката на Вања Ѓорчевска, Зорица, за Фактор.
Таа претходно изјави дека Вања Ѓорчевска била добро расположена пред да излезе од дома, дека никој не ја малтретирал, дека семејните односи не се нарушени и дека немаат непријатели. Мајката изрази благодарност за работата на полицијата која формираше специјален тим и прави се за да ја пронајде Вања Ѓорчевска.
„Мислам дека е киднапирана. Вања насмеана излезе од дома, и дадов пари за појадок и таа отиде на училиште… Се проверуваат и камерите, се се случило на пат од дома до училиште, некаде кај ‘Партизанска‘ се гледа дека свртела од вообичаениот пат кон училиште, а сигналот од мобилниот и исчезнува во близина на улицата ‘Рузвелтова‘“, изјави мајката.
Министерот за внатрешни работи на Македонија, Оливер Спасовски, денеска изјави дека се преземаат опсежни активности за пронаоѓање на 14-годишната Вања Ѓорчевска.
Тој денеска во изјава за медиумите порача дека се сослушани десетици лица и дека се трага по електронските уреди на семејството и девојката.
„Се пребара и коритото на реката Вардар, се пребаруваат сите подземни простори, не само во околината, туку и пошироко. Се работеше и на прибирање податоци од црквите и манастирите во околината на Скопје и нема да застане тука, работата е интензивна“, порача Оливер Спасовски и додаде дека ова е најважниот приоритет на МВР во моментот.
Информациите за нејзиното исчезнување беа објавени на платформата „Found Me“, која е систем за рано предупредување на исчезнати лица.