Петти ден од протестот „Бунтовен универзитет“ пред Владата на Србија

Протестот организиран од неформалната група „Бунтовен универзитет“ продолжи и денес, петти ден по ред, пред зградата на Владата на Србија , а мала група луѓе сè уште ја блокира раскрсницата на улиците „Кнез Милош“ и „Немањина“, една од најпрометните во Белград.

Во понеделник, членовите на академската заедница, студентите во блокадата и граѓаните кои ги поддржуваат поставија шатори и ограда од сите страни на раскрсницата, а сообраќајот остана во прекин.

Претставници на „Бунтовниот универзитет“ ги доставија своите барања до Владата на Србија на почетокот на протестот во понеделник, во кои бараат распуштање на Работната група за изработка на новиот Закон за високо образование, укинување на изменетиот Правилник за стандардите за работа на универзитетите и усвојување на буџетски квоти за запишување на факултет најдоцна до крајот на јуни.

Тие исто така најавија дека ќе останат пред зградата на српската влада сè додека не бидат исполнети нивните барања.