Турските обвинители побараа петгодишна затворска казна за турскиот новинар Фатих Алтајли, кој беше уапсен во јуни поради наводни закани кон претседателот Реџеп Таип Ердоган, објави турската организација за човекови права MLSA.
Новинарот има 2,8 милиони следбеници на платформата X (порано Твитер) и над 1,5 милиони претплатници на Јутјуб, каде што водеше дневна емисија. Коментирајќи анкета што покажува дека околу 70 проценти од Турците се против доживотно претседателствување на Ердоган, Алтајли потсети дека неколку отомански султани биле убиени или удавени на крајот од нивното владеење.
Обвинителот побара негово притворање, тврдејќи дека коментарот претставувал закана кон турскиот претседател, објавија медиумите .
За време на претходните сослушувања, новинарот изјави дека едноставно презентирал „историски контекст“, без никаква заканувачка намера.
По неговото апсење на крајот на јуни, десет новинари и организации за слобода на изразување апелираа до турските власти да го ослободат.
„Бараме итно ослободување на Фатих Алтајли и ги повикуваме турските власти да престанат да ги користат законските дупки за прогон на новинарите“, се вели во соопштението од организациите, вклучувајќи ги „Репортери без граници“ (RSF) и Комитетот за заштита на новинарите (CPJ).
„Ова апсење е јасна злоупотреба на кривичниот закон насочена кон замолчување на критичките политички коментари“, нагласуваат организациите што го потпишаа барањето за ослободување на Алтајли, вклучувајќи го Меѓународниот институт за печат (IPI), Европскиот центар за слобода на печатот и медиумите (ECPMF) и Европската федерација на новинари (EFJ).
РСФ ја рангира Турција на 159-то место од 180 земји по слобода на печатот, меѓу Пакистан и Венецуела.
Ердоган, кој беше премиер од 2003 до 2014 година пред да стане претседател, уставно не може повторно да се кандидира по завршувањето на неговиот мандат во 2028 година. Сепак, распишувањето предвремени избори или уставна реформа би му овозможило да остане на власт подолго.