Во Новата 2024 година Охрид уште на самиот почеток влегува со принова од пет новороденчиња. Нив денеска ги посетија градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и директорот на Општа болница Охрид, Асен Шајн.
– Оваа година веројатно ќе биде бериќетна не само за Општина Охрид, туку и за сите жители кои се од Охрид. Имаме пет дечиња во новата година, од кои првото е машко. Денес како Општина тука сме традиционално да им честитаме и да дадеме една поддршка за мајките и новороденчињата. Секако дека ова е несекојдневна ситуација бидејќи имаме пет новородени бебиња, а Општина Охрид според правилникот доделува секогаш на првото новороденче 20 000 денари и пригодни подароци. Оваа година ќе доделиме ваучери од 10 000 денари и на останатите, рече градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, посакувајќи им здравје и успех.
Директорот Шајн од своја страна посочи дека провото новородено оваа година на овој свет дошло во 1:54 часот, здраво машко дете тешко 2.730 грама, трето чедо на 27-годишна мајка од Охрид.
– Се надевам дека оваа година ќе биде бериќетна по гледањето на првиот ден од оваа година каде имаме пет новородени бебиња. Посакувам оваа година да биде исполнета со здравје, позитивна енергија, мир и спокој да си имаат во својата фамилија сите од новороденчињата, да живеат во среќно и безгрижно детство и на сите им посакувам Новата година да донесе нови успеси, но пред се здравје, изјави тој.
Инаку, во сега веќе старата 2023 година во Охрид се родени 503 бебиња, од кои 320 женски.