Дали сте од оние кои посегнуваат по мобилниот телефон штом ќе ги отворат очите? Ако тоа е вашата утринска рутина, можеби ќе сакате да размислите да ја промените. Сè повеќе истражувања потврдуваат дека ова не е најдобриот начин да го започнете денот – всушност, тоа може негативно да влијае на вашето здравје. Еве зошто:
Ве исцрпува на почетокот на денот
Наместо природно да се разбудиме, проверувањето на вестите, е-поштата или социјалните мрежи може веднаш да нè преплави со информации, што може да ја троши енергијата и негативно да влијае на расположението. Психолошките истражувања покажуваат дека изложувањето на негативни содржини рано наутро може да ја намали продуктивноста, креативноста и самодовербата, пишува Best Life.
Станува зависност
Понекогаш е во ред да го проверите телефонот веднаш штом ќе се разбудите, но ако тоа го правите секој ден, тоа може да стане штетна навика. Терапевтот Марис Лофлер истакнува дека изложувањето на природна светлина веднаш штом се разбудиме е далеку поздрав начин да го започнеме денот.
Го нарушува деноноќниот ритам
Користењето на телефонот пред спиење веќе е познато како лоша навика, но истото важи и за поминување со прстот преку екранот во раните утрински часови. Истражувањето на Универзитетот во Салцбург покажува дека светлината на екранот може да ги наруши природните процеси на будење и да влијае на квалитетот на сонот.
Алармите на мобилните телефони можат да предизвикаат стрес
Звукот на алармот на паметен телефон може да предизвика ненадеен скок на крвниот притисок, што може да го зголеми ризикот од срцеви проблеми, покажа истражувањето на Универзитетот во Вирџинија. Експертите препорачуваат да се будите со понежни звуци или природна светлина.
Тоа е штетно за очите
Прекумерното користење на екранот може да предизвика замор на очите, а употребата на мобилниот телефон рано наутро при слаба осветленост дополнително го влошува овој проблем, предупредува Американското оптометриско здружение.
За подобар почеток на денот, обидете се да навлезете на свеж воздух наутро, да уживате во здрав појадок или барем да поминете неколку минути без да гледате во екранот.