Пилоти на комерцијални летови му помагаат на ЦУК во гаснењето на пожарите

Директорот Стојанче Ангелов брифираше дека Центарот за управување со кризи добил ненајавена помош од пилоти на комерцијални летови кои при прелет преку Македонија до контролата за летање пријавиле два нови пожари.

Пет активни пожари и три под контрола е моменталната состојба на теренот, каде стотина пожарникари, припадници на АРМ, полицајци, странска помош и доброволци се борат со пламените јазици во повеќе региони од државата.

Гори кај „Јасен“, на планината Галичица, Струга, Кичево, Демир Хисар. Сепак од Центарот за управување со кризи (ЦУК) потенцираат дека состојбата на терен се менува од час во час.

Пожарот кај „Јасен“ е во фокусот на ЦУК и таму се распоредени голем број на пожарникари, специјалните полициски сили, унгарските пожарникари и „Ер трактори“.

Ангелов е оптимист дека пожарот на Галичица, кој гори веќе четврти ден, ќе биде запрен и локализиран.

Досега откриени се 10 лица против кои се поднесени кривични пријави за предизвикување на општа опасност или предизвикување на шумски пожар.

Полициските дронови ќе летаат 24 часа во денот во повеќе подрачја од државата и се опремени со термални камери за да бидат оперативни и во ноќни услови.