Дипломатските претставници со своите отворени и „без ракавици“ коментари за владеењето на правото повторно ги разбрануваа правосудните институции во земјава.
На отвореното писмо од австрискиот амбасадор Георг Вуцас, во кое тој побара смена на судии, обвинители, но и одговорност од нотари и извршители, за кои смета дека го одолговлекуваат процесот на наплата на долг на една австриска фирма во земјава, од Судскиот совет одговорија дека ќе ги проверат ваквите наводи. Обвинителството, пак, информира дека постапуваат ажурно по трите поднесени кривични пријави од австриската фирма. Нотарската комора ги демантираше изнесените реакции насочени против нотарите.
Дописот на австрискиот амбасадор, според претседателот Стево Пендаровски, не е мешање во внатрешните работи на земјава и претставува легитимна обврска на секој амбасадор да ги штити интересите на својата земја.
– Го следам случајот од она што може да се види од медиумите. Чудни се коментарите дека тоа можеби е мешање во нашите внатрешни работи. Не станува збор за мешање во внатрешни работи. Станува збор за легитимна обврска на секоја амбасада. И нашите амбасадори кои се надвор и ја претставуваат нашава држава, имаат обврска да ги штитат интересите и на приватните бизниси на нашите граѓани во странство, не само на институциите на државата која ја претставуваат, оцени вчера Пендаровски.
Пендаровски очекува македонските институции да утврдат дали навистина имало непочитување на меѓународната арбитража.
Австрискиот амбасадор во отворено писмо до медиумите насловено „Што ќе надвладее? Владеење на правото и заштита на австриски инвестиции во Северна Македонија или криминални договори за заробување на судството и правните службеници“ обвини дека фирмите ДЕНА и ГЛОБАЛ ги заробиле судството и службениците (извршителите и нотари) во случајот со австриската инвестиција во земјава на AMMA Import Export GmbH (AMMA), и побара од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да ги отстрани „сите неспособни и пристрасни судии и обвинителите“. Вуцас бара и надлежните комори на извршители и нотарите да ги укинат лиценците на „правните службеници кои ги злоупотребиле нивните овластувања“, и овозможиле, како што наведе „да се избегне и спречи признавање и извршување на арбитражна одлука во износ од приближно 4,5 милиони евра дадени на 3 јануари 2023 година во фер и транспарентен процес од реномиран меѓународен арбитер“.
Од Јавното обвинителство вчера информираа дека Основните јавни обвинителства во Гевгелија и Скопје, како и Вишото јавно обвинителство Скопје водат три посебни постапки, по поднесени кривични пријави од австриската фирма.
– Иако во конкретниот случај во основа станува збор за граѓанско-правен однос меѓу правните субјекти, а нивните права се обезбедуваат во соодветни судски и други постапки, по поднесените кривични пријави се постапува исклучително ажурно, се вели во соопштението од ЈОРСМ.
Оттаму појаснуваат дека наведеното правно лице во 2021 година до Основното јавно обвинителство Гевгелија поднело кривична пријава за измама и злоупотреба на службената положба.
– Надлежниот јавен обвинител, по проверка на сите наводи утврдил дека нема елементи на наведените кривични дела, туку елементи на граѓанско-правен однос за кој оштетените воделе постапка која е завршена пред Меѓународниот центар за арбитража во Виена, Австрија. По изјавената жалба на решението, предметот се наоѓа на постапување во Вишото јавно обвинителство Скопје, информираа од ЈОРСМ.
Во меѓувреме, истото правно лице поднело пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија за кривично дело – Оштетување или повластување на доверители.
– Пријавата е примена на 26.05.2023 година и надлежниот јавен обвинител веќе постапува, прибира докази, а по потреба ќе нареди и соодветни вештачења, велат од ЈОРСМ.
До Основното јавно обвинителство Скопје, пак, истото правно лице на 23 јуни годинава поднело кривична пријава против неименувани службени лица во Агенцијата за катастар за недвижности за Несовесно работење во службата, Фалсификување службена исправа и Компјутерски фалсификат.
– Пријавата веќе е распоредена кај јавен обвинител, се проучува и се преземаат дејствија со цел да се испитаат наводите, да се обезбедат докази и да се идентификуваат евентуални сторители, се вели во соопштението од ЈОРСМ.
Судскиот совет, пак, најави дека наводите во известувањето на Австриската амбасада ќе бидат проверени, посочувајќи дека до нив од страна на австрискиот амбасадор е испратен поднесок со наслов известување, а во прилог и исечок од објавен текст во неделникот Фокус.
– Од содржината на примениот допис, членовите на Советот на работен состанок констатираа дека поголемиот дел од наводите се однесуваат на незадоволство од постапувањето на Јавното обвинителство, а во еден дел се споменува и трговски спор, кој се води пред Основниот суд во Гевгелија, кој е во тек. Во содржината на дописот, амбасадорот истакнува сомнеж дека спорот се води под надворешни влијанија, велат од Советот.
Дополнуваат дека од работната средба произлегол заклучок, дека наводите во известувањето ќе бидат проверени од страна на кооординаторите на Основниот суд во Гевгелија и Апелациониот суд во Скопје, со непосреден увид во списите на предметот, дејствијата преземени од страна на судовите и евентуално донесените одлуки.