Во среда во Холандија ќе се одржат парламентарни избори, а анкетите на јавното мислење покажуваат дека веројатно ќе има промена на власта по 13 години!
Конзервативниот ВВД, предводен од Дилан Јешилгез-Зегериус (46 г.), курдска бегалка која ја нарекуваат „пит-бул на штикли“ е фаворит да стане првата жена премиер во историјата на Холандија. Доколку се остварат предизборните анкети, таа на таа позиција ќе го замени својот сопартиец и актуелен премиер Марк Руте, кој беше премиер 13 години.
„Од моите родители научив да ја ценам слободата и да се борам за другите кога нивната слобода е загрозена. Сега сме соочени со губење на многу повеќе кислород, имаме се помалку разбирање за другите и политика која функционира од недоверба. Не случајно нашето мото е давање простор и дефинирање граници“, вели таа.
Дилан Јесилгез-Зегериус дошла во Холандија како курдска бегалка од Турција кога имала само седум години. Со нејзината мајка и група бегалци, таа најпрво пристигнала на грчки остров, од каде го продолжила патувањето кон Запад. И покрај тоа, таа има цврст став кон имигрантите и вети дека ќе го намали нивниот број. Таа ги повика гласачите да ја поддржат поради нејзината политика, а не да гласаат за неа затоа што е жена. Токму нејзиното ветување дека ќе го намали бројот на баратели на азил е клучот за нејзината голема популарност. Покрај тоа, таа најави и заострување на правилата за дозволи за престој, како и ограничување на правото на обединување на семејството.
„Има премногу баратели на азил, недоволно сместување и мала интеграција. Тоа е неправедно и кон холандското општество и кон бегалците“, смета Дилан Јесилгез-Зегериус.
Интересно е што Дилан Јесилгез-Зегериус својата политичка кариера ја започнала со социјалистите, потоа преминала во Лабуристичката партија, пред да се смести, засега, во ВВД, партија на десниот центар. Таа го усвои прекарот „пит-бул на штикли“ по кампањата за забрана на уличното малтретирање. Минатата година, таа одржа настап во живо на телевизија, отсекувајќи прамен од косата „за сите Иранки“. Како министерка за правда, таа жестоко ја критикуваше радикалната левица.
Анализите покажуваат дека овие избори ќе бидат многу непредвидливи бидејќи има голем број неопределени гласачи. Се очекува во парламентот да влезат дури 17 партии. За разлика од Марк Руте во заминување, Дилан Јесилгез-Зегериус не ја исклучи можноста да работи со антиимигрантскиот популист Герт Вилдерс, чија Партија на слободата е на четвртото место во предизборните анкети. По ВВД, во анкетите најдобра е центристичката Партија на новиот социјален договор, предводена од Петер Омзиг (49 г.).