План за раст: ЕУ има 750 милиони евра за нас, ќе умееме ли да ги земеме?

Станува збор за финансиски средства кои Брисел ќе ни ги даде во следните три-четири години, во зависност од тоа дали земјата ќе успее да исполни редица реформи утврдени во посебен план, кој патем се финализира деновиве. Првата транша од 50-тина милиони евра би можела да „легне“ во Буџетот веќе во септември.

Но, меѓу реформите, има и такви кои се предизвикувачки, особено во енергетиката, јавната администрација, транспортот. Па сепак, министерот за европски прашања тврди – владата е цврсто определена да чекори по реформскиот пат

Во април и мај годинава, Европскиот парламент и Советот на ЕУ се согласија – земјите од Западен Балкан да добијат 6 милијарди евра од Брисел.

Иако парите се најзвучниот, тие се само дел од поширок план.

„Тоа што го предлагаме не е само план за интеграција на Западниот Балкан во Европската Унија, туку и за регионот да се интегрира внатрешно“,

изјави еврокомесарот Оливер Вархеи на 16 мај 2024 година.
Името кое го доби иницијативата е План за раст на Западен Балкан. Почива на четири столба:

1. Зајакнување на економската интеграција со единствениот пазар на ЕУ;

2. Зголемување на економска соработка меѓу земјите од Западен Балкан;

3. Забрзување на фундаменталните реформи;

4. Зголемена финансиска поддршка за фундаменталните реформи.

Целта е преку засилена економска интеграција на земјите од регионот меѓу себе и со ЕУ, постепено да почне да се намалува разликата во стандардот на државите од Западен Балкан и Унијата. А за да се случи таа интеграција потребни се реформи што секоја земја прво ги договара со Брисел, со конкретни рокови и задолженија. Нивното спроведување ќе се поттикнува со пари.

Македонија значајно напредуваше во подготовката на својот план за реформи, наречен реформска агенда, уште за време на техничката влада.

„И покрај фактот што Македонија беше во изборен период, интензивно работевме на финализирање на нашата реформска агенда 2024-2027 година. Последната нацрт-верзија на реформската агенда одобрена на Владата, беше споделена со Европската комисија на почетокот на мај“, изјави премиерот на техничката влада, Талат Џафери, во мај годинава.

Но, земјава сега има нова влада, а со тоа и ново раководство кое не учествувало директно во договарањето на реформските приоритети. Од друга страна, време за големи промени нема бидејќи агендата мора да биде усвоена до крајот на август, за да стигнат првите пари.

Не се малку. За Македонија се предвидени вкупно 750 милиони евра. А првата транша од 52,5 милиони, односно 7% од вкупната сума, треба да стигне веднаш штом се усвои реформската агенда и Собранието ги ратификува финансиските договори.

Тоа што во моментов е јасно е дека новата Влада веќе смета на овие пари, а со тоа декларира дека е подготвена да ги спроведе предвидените реформи.