Членките на Обединетите нации гласаа со огромно мнозинство за резолуција со која се бара итен прекин на огнот во Газа, ослободување на сите заложници што ги држи Хамас и неограничен пристап за дистрибуција на итно потребната храна за два милиони Палестинци кои живеат во тешки услови поради израелската агресија, објави парискиот весник „Ле Монд“.
Гласањето во Генералното собрание, кое брои 193 члена, заврши со 149 гласа „за“, 12 „против“ и 19 воздржани, вклучувајќи ја и Северна Македонија, која, заедно со Албанија, беа единствените земји во регионот кои не гласаа „за“ резолуцијата. Резултатот од гласањето беше поздравен со громогласен аплауз во салата.
Документот, подготвен од Шпанија, меѓу другото, „остро го осудува гладувањето на цивилите како метод на војување“.
Пред гласањето, амбасадорот на Израел во ОН, Дени Данон, остро се спротивстави на резолуцијата. Тој негираше дека Израел го користи гладувањето како оружје, нарекувајќи го обвинувањето „крвна клевета“ и, спротивно на сите организации што работат во Газа, инсистираше дека се дистрибуира хуманитарна помош.