Повик за предлози во рамки на проектот „Градење нови мостови“ на Мисијата на ОБСЕ и МОН

 Министерството за образование и наука и Мисијата на ОБСЕ во Скопје објавија повик за предлози во рамки на проектот „Градење нови мостови“ на Мисијата а ОБСЕ, чија цел е да ги подобри односите меѓу младите со различно потекло и јазици во текот на училишниот ден и преку заеднички наставни активности.

Како што објави МОН, повикот е за Фондот за интегрирано образование, кој ќе обезбеди поддршка на државните училишта и општините за промовирање заеднички наставни активности меѓу децата кои учат на различни јазици.

-Можностите за финансирање се дел од напорите на Мисијата да ја зајакне социјалната кохезија преку интегрирано образование и зајакнување на младите под покровителство на донаторите на Мисијата – Кралството Норвешка, Полска и Големото Војводство Луксембург. Проектот се надоврзува на претходната работа на Мисијата за меѓуетничка интеграција во образованието за унапредување на демократијата и социјалната кохезија во земјата, вклучително и оригиналниот фонд за градење мостови, кој поддржа речиси 200 училишта и градинки за организирање заеднички воннаставни активности од кои директна корист имаат повеќе од 35 000 ученици, наведува МОН. 

Повикот е отворен за јавни училишта, градинки, факултети за обука на наставници/педагошки факултети и општини. Нуди можност за финансирање до 7.000 евра по апликација/повик. Рокот за поднесување на апликацијата е 30 април 2023, а периодот на имплементација е јуни 2023 – мај 2024 година.

Во објавениот повик на веб-страницата на Министерството за образование и наука, достапно е упатство за апликантите за грант и информации за начинот на аплицирање.