Израелската војска изврши серија воздушни напади врз цели во Појасот Газа, како одмазда за крвавиот напад врз Израел. Според последните информации, во Газа досега се убиени над 900 луѓе.
ОН велат дека има „јасни докази“ дека се извршени воени злосторства и во Газа и во Израел.
,,Израел има право да се брани од нападите на Хамас, но тоа мора да го направи во согласност со меѓународното право“, изјави во вторникот шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел.
„Колективното казнување на сите Палестинци е неправедно и непродуктивно. Тоа е против нашите интереси и интересите на мирот“, рече Борел по неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Мускат, Оман.
,Не се сите Палестинци терористи. Израелските напади предизвикаа значителна штета на десетици станбени згради, канцеларии на телекомуникациски компании и згради на факултетите на Исламскиот универзитет во Газа“, пишува Гардијан.
Застрашувачки експлозии ја потресоа областа во понеделникот вечерта. Децата врескаа и никој не можеше да спие. Тоа беше ноќ што жителите на Римал, најбогатата и обично најтивката населба во градот Газа, нема да ја заборават. Како што се раздени во вторникот, интензитетот на нападот се намали и луѓето го открија обемот на уништувањето. Инфраструктурата на округот е сериозно оштетена, а поголемиот дел од патиштата што водат до него се отсечени.
Изгледаше како да има земјотрес. Насекаде имаше урнатини, скршено стакло и соборени жици. Уништувањето беше толку големо што некои згради беа непрепознатливи. Во меѓувреме пристигнаа сателитски снимки на Максар кои го покажуваат уништувањето што го претрпе Појасот Газа по израелската одмазда.