Погледнете го видеото снимено од лендерот Blue Ghost при неговото слетување на Месечината

Успешното слетување на лендерот Blue Ghost на Месечината е снимено во неверојатно видео кое трае речиси три минути, објавено од компанијата Firefly Aerospace.

Месечевиот лендер на Firefly, Blue Ghost, влезе во историјата кога слета на Месечината на 2 март, станувајќи само второто приватно вселенско летало што го направило тоа.

Слетувањето се случи во регионот Маре Крисиум, огромна лунарна рамнина позната како Море на кризи. Мисијата е дел од иницијативата на американската вселенска агенција НАСА Commercial Lunar Payload Services (CLPS), која има за цел да ги поттикне иновациите на приватниот сектор во истражувањето на Месечината.

Успешното спуштање и слетување на лендерот беше снимено во речиси триминутно видео објавено од Firefly на социјалните мрежи. На снимката се гледа како лендерот се приближува до површината на Месечината, како и облаци од лунарна прашина што се издигаат додека потиснувачите на леталото се приближуваат до површината.

„По идентификувањето на опасностите од површината и изборот на безбедно место за слетување, Blue Ghost слета директно над целта. Имаме лунарна прашина на нашите чизми“, рече Firefly.

Blue Ghost беше лансиран на 15-ти јануари со ракетата Falcon 9 на SpaceX и е опремена со десет научни инструменти на НАСА. Овие инструменти се дизајнирани да проучуваат различни аспекти на лунарната средина, вклучително и протокот на топлина од внатрешноста на Месечината и интеракциите помеѓу моторните гасови и површината на Месечината.

Набргу по слетувањето, Blue Ghost „се фати за работа“, а неговите инструменти почнаа да собираат вредни податоци.

Ова успешно слетување не само што означува значајно достигнување за Firefly, туку ги поставува и темелите за идните мисии на Месечината како дел од програмата на НАСА Artemis.

Мисијата на лендерот ќе трае 14 дена, а нејзината цел е да придонесе со клучни сознанија кои ќе ги поддржат напорите за воспоставување одржливо човечко присуство на Месечината.

Лендерот Атина на НАСА треба да слета на јужниот пол на Месечината на 6 март.