Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, на својот профил на социјалната мрежа Телеграм ги коментираше актуелните настани поврзани со војната во Украина.
Како клучни настани, тој го претстави пристигнувањето на тенковите Abrams во Украина, претстојната испорака на ракетите со долг дострел ATACMS и оддавањето почит на поранешниот нацист Јарослав Хунка во канадскиот парламент.
„Се чини дека на Русија и остануваат помалку опции од директна конфронтација со НАТО на терен. НАТО се претвори во отворено фашистички блок како Хитлеровата оска, иако во поголеми размери. Подготвени сме, иако резултатот ќе биде постигнат по многу повисока цена за човештвото отколку во 1945 година“, порача тој.
Дмитриј Медведев неодамна ги обвини Соединетите Американски Држави и Европската Унија дека го приближуваат светот до голема војна, бидејќи тие „поттикнуваат терор“ во пограничните региони на Русија. Во таа прилика тој потсети дека не може да има победник во нов глобален воен конфликт, потсетува Moscow Times.