ПОДЕМОТ НА НОВАТА ВОЕНА СУПЕРСИЛА – Инвестираа 320 милијарди долари, изградија супермодерни бродови, но сега имаат огромен проблем

Пред точно една година, Јапонија го направи најдалечниот потег од пацифизам кон милитаризам, кога го објави најголемото воено засилување од Втората светска војна како одговор на зголемените воени капацитети на Кина во Јужното Кинеско Море и зголемената закана од Северна Кореја.

Минатиот декември, Токио претстави петгодишен одбранбен план за изградба од околу 320 милијарди долари, кој вклучува производство на два воени брода со напредни радари и крстаречки ракети со долг дострел. Зголемувањето на воените трошоци до два отсто од бруто домашниот производ (БДП) во следните пет години ќе ја стави Јапонија на исто ниво со земјите од НАТО и ќе го имаат третиот по големина одбранбен буџет во светот, по САД и Кина. Во меѓувреме, сепак, падот на јенот го принуди Токио да го намали амбициозниот план за набавки на Министерството за одбрана на Јапонија, а ниската стапка на наталитет и стареењето на населението се покажаа како главен проблем за бројот на војниците. Речиси една третина од Јапонците се над 65 години, а стапката на наталитет падна на рекордно ниско ниво минатата година.

Јапонските вооружени сили или Јапонските одбранбени сили (ЈСДФ) имаат околу 247.000 членови, а од 2014 година не успеале да ги исполнат целите за регрутирање. Заклучно со минатата година, копнените, воздушните и поморските ограноци на ЈСДФ немаат вкупно 16.000 активни воени лица.

Недостигот на војници најјасно се гледа на „Ноширо“ – новиот јапонски воен брод опремен со против-бродски ракети и сонари за следење подморници. Бродот е дизајниран со намален број на екипаж и може да работи со приближно две третини од екипажот потребен за управување со претходниот модел на брод. На новиот „Ноширо“, задачите што порано ги извршуваа седум или осум членови на екипажот сега ги извршуваат тројца или четворица, така што медицинска сестра работи и како куварка, а на бродот се инсталирани дополнителни прскалки за да се надомести недостаток на работници за гаснење пожари.

Генералот Јошихиде Јошида, началникот на Здружениот штаб на вооружените сили на Јапонија, призна за New York Times дека Армијата се соочува со големи тешкотии при регрутирањето на нов персонал. Јошихиде Јошида посочува дека ЈСДФ треба да го зголеми процентот на жени од сегашните осум на 12 проценти до 2030 година, да соработува со приватниот сектор и повеќе да користи вештачка интелигенција и беспилотни системи. Јапонија, исто така, треба да привлече нови баталјони војници со технолошки вештини за да управуваат со софистицирана опрема или да се заштитат од сајбер напади. Владата соопшти дека планира да ги прошири своите воени сајбер сили на 4.000 луѓе.

Од крајот на Втората светска војна, Јапонија беше домаќин на повеќе американски војници од која било друга земја во светот и двете нации ги интензивираа заедничките воени вежби. Иако САД ги поздравија плановите на јапонскиот премиер Фумио Кишида за зголемување на трошоците за Армијата, останува да се види дали Владата ќе успее да го убеди јапонскиот народ да инвестира финансиски и човечки капитал за зголемување на Армијата.

Главниот проблем е да се најдат млади луѓе кои ќе ги пополнат редовите. Бројот на Јапонци на возраст меѓу 18 и 26 години (кои долго време го формираа јадрото на центарот за регрутирање на ЈСДФ) се намали од 17 милиони во 1994 година на 10,5 милиони во 2021 година. Извештаите за сексуално вознемирување во Армијата, исто така, ги обесхрабруваат жените да се пријават. Меѓу клучните фактори е тоа што релативно ниската стапка на невработеност во Јапонија им овозможи на средношколците и студентите да бидат селективни во барањето работа, така што ЈСДФ мора да се натпреварува со приватни компании кои често им нудат на младите многу подобри услови, без разлика дали се работи за плата, бенефиции, стабилност или попријатна работна средина. За Армијата е сè потешко да ги убеди младите дипломирани студенти дека е подобро да се приклучат на ЈСДФ отколку да работат, да речеме, за гигантите како Toyota или Sony

Во многу земји, воената служба е обично семејна традиција. Иако тоа беше случај и во Јапонија, имаше одредена промена со падот на наталитетот и улогата на јапонската Армија во Втората светска војна. Во повоениот период, на ЈСДФ долго се гледаше со сомнеж, но денес Армијата генерално се гледа во поинаква светлина и многумина ја гледаат како корисна институција, особено откако се покажа неопходна во катастрофи како што е големиот земјотрес што ја погоди источна Јапонија и несреќата на нуклеарната централа Фукушима. Експертите заклучуваат дека подобрите плати, работните услови и поголемото ниво на јавно разбирање на националната безбедносна улога на ЈСДФ се најважните фактори за зголемување на бројот на регрути.

АрмијаЈапонија