Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против К.П. (59), М.К. (41) и С.М. (38), сите од Крива Паланка, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службена должност и овластување“.
Првообвинетиот, К.П., вработен во Општина Крива Паланка, спротивно на Законот за градење и спротивно на своите работни должности и обврски, изготвил решение за промена на инвеститорот, иако дозволата за градење, која ја поседувал инвеститорот, била истечена.
Второобвинетата, М.К., раководител на Одделението за урбанизам, комуникации и заштита на животната средина во Општина Крива Паланка, спротивно на своите работни должности и обврски, не го извршила задолжителниот надзор и контрола врз одлуката за промена на инвеститорот и ја одобрила како правосилна со нејзино потпишување, со што ѝ овозможила на Г.С. од Крива Паланка да ја продолжи претходно започнатата изградба на куќата со деловен простор без да поседува важечка градежна дозвола.
Третообвинетиот, како градоначалник на општина Крива Паланка, не извршил задолжителен надзор и контрола врз издаденото решение за промена на инвеститорот и го одобрил како правосилно со потпис или факсимил и печат на општината.