Денес (28.10.2025) СВР Скопје поднесе кривична пријава против С.Р. (38) и А.С. (55) до Основното јавно обвинителство Скопје поради сомнение за сторено кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“, соопшти МВР.
„Осомничените, С.Р. како в.д. директор и А.С. како раководител за отпад во Јавното претпријатие „Општинска хигиена“ – Скопјe, заедно постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и нивната главна дејност редовно собирање и транспорт на отпад на подрачјето на Градот Скопјe, како и на обврските предвидени во Оперативната програма за собирање и транспорт на комунален отпад и Оперативниот план за одржување на јавната чистота во Градот.“
Со непостоење на целосен надзор врз собирањето и транспортот на комуналниот отпад, како и со несоодветно управување со отпадот, тие овозможија создавање мали депонии на јавни и сообраќајни површини, во близина на одредени контејнери за собирање комунален отпад, во текот на месецот, што предизвика значителна штета на квалитетот на почвата, воздухот и водата и го загрози животот и здравјето на луѓето со предизвикување заразни или други болести.
„Ваквите сомневања се утврдени и потврдени со вонредни инспекции од овластени локални инспектори за животна средина кои излегоа на терен по налог на јавното обвинителство, како и со стручно мислење за влијанието на отпадот врз јавното здравје и можноста за ширење на заразни болести од страна на Институтот за јавно здравје на Република Македонија“, се вели во соопштението на МВР.