Владата разгледува таканаречена „необврзувачка индикативна понуда“ од една финансиска институција за изградба на брзата пруга Табановце – Гевгелија, откри денеска премиерот Мицкоски, без да го наведе името на институцијата.
Според финансискиот речник, под „необврзувачка индикативна понуда“ се подразбира првична, информативна и неформална понуда што покажува интерес и приближна цена, но не создава обврска за купување или продажба. Сепак, премиерот вели дека во периодот што следи, ќе се влезе во суштината на преговорите и смета дека работите одат во планирана насока, а изградбата на овој долгонајавуван капитален проект треба да почне за една година.
„Условите кои првично ги добивме се исклучително поволни, услови кои што никогаш не би можеле да ги добиеме доколку не беше гаранцијата од Обединетото кралство. Министерството за транспорт прави физибилити студија и студија за оценка на животната средина, процес кој што трае 270 дена и кој отприлика треба да заврши ви мај или јуни. Потоа ќе се влезе во избор на конкурентен дијалог за изведувач на проектот и очекуваме во октомври или ноември следната есен да започне реализацијата на овој проект.“
Проектот за брза железничка пруга од Табановце до Гевгелија е дел од европскиот Коридор 10 и треба целосно да ја модернизира железничката врска меѓу Србија и Грција преку Македонија. Идејата е да се овозможи движење на патнички возови со брзина до 160 километри на час и товарни до 120, со што земјава би добила најсовремена железничка линија во регионот. Министерството за финансии претходни испрати барања за финансирање на речиси две милијарди евра до 22 водечки меѓународни банки и финансиски институции, меѓу кои се Светска банка, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, како и финансиски гиганти од Европа, САД, Јапонија и Обединетото Кралство. Проектот е проценет на 1,91 милијарда евра, а освен позајмените средства, државата ќе учествува со околу 100 милиони евра од буџетот. Вкупната должина на пругата ќе изнесува околу 200 километри, со цена по километар од околу 8,8 милиони евра. Владата уверува дека задолжувањето нема да го зголеми јавниот долг, бидејќи со гаранција на Велика Британија ќе се обезбедат поволни кредитни услови, додека експертите повикуваат на внимателна подготовка за да се избегнат грешките од претходни инфраструктурни проекти.