По повеќе од 5 месеци поминати во екстрадиционен притвор во Турција, Лупчо Палевски Палчо синоќа се врати во земјава.
Главниот осомничен за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски е донесен во истражниот затвор Шутка со полициска придружба, додека во Македонија е донесен со редовниот лет Истанбул-Скопје. По него имало меѓународна потерница.
Се очекува Палевски да биде сослушан во Истражниот суд и да биде задржан 30 дена во специјална ќелија, каде ќе биде во посебен безбедносен режим, без контакт со други лица.
Основното обвинителство Скопје соопшти дека сега по екстрадицијата, обвинителот продолжува со преземање истражни дејствија за случајот со киднапирањето и убиството на Ѓорчевска и Жезовски.
Министерот за правда Кренар Љога изрази благодарност до турските власти за преземањето на сите неопходни мерки за екстрадиција на Палевски, велејќи дека целата постапка е завршена за релативно краток период од помалку од пет месеци.
Минатата година, на 6 декември, Палевски беше уапсен во Баликесир, Турција, во обид да избега. Тој е главен осомничен за убиството на 14-годишните Вања и Панче од Велес. За соучесништво во убиството обвинети се и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје. Во притвор е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој е осомничен дека помагал во киднапирањето на малолетничката. За овој случај мерки на претпазливост е и Стефан Димовски, возачот на првоосомничениот за двојното убиство, кој наводно помогнал во бегството.