Пожарот во Кочани ја зема 61 жртва- почина уште еден пациент што се лекуваше во Литванија

Александар Гавриловски (29) од Пробиштип е 61. жртва на трагичниот пожар во дискотеката Пулс во Кочани, соопшти министерот за здравство, Арбен Таравари, кој изрази сочуство до неговото семејство.

Според Таравари, Гавриловски на 17 март бил транспортитан во Литванија и постојано бил во критична состојба. 

Александар имал изгореници од трет степен на 35 проценти од телото и изгореници на дишните патишта.

И тој како и претходно починатиот Александар Карадаковски, управителот на „Пулс“, биле на лекување во Литванија.

„Александар беше меѓу четворицата критични од почетокот. Состојбата му се влошила на 4 април уште повеќе. Од вчера бил ставен на хемодијализа, но утринава починал во 11 часот. Се надеваме дека нема веќе да добиваме вакви вести, било од странство или од болниците во земјава. Има уште двајца критични пациенти, кои се стабилни во моментов“, изјави Таравари.

Според него, од 193 повредени во дискотеката „Пулс“ уште 66 пациенти се на лекување во странство и десет во земјава.