Пожар избувна и ја зафати зградата на одделот за гранична патрола на руската Федерална служба за безбедност ФСБ во јужниот град Ростов на Дон, објави медиумската агенција ТАСС, повикувајќи се на информации од локалните служби за итни случаи.
Видео-снимките од локалните медиуми споделени на социјалните мрежи покажаа густ црн чад кој се издигнува во воздухот во населена област на градот и зградата во пламен.
Украинскиот весник Kyiv Post наведува дека едно лице е мртво, а две се повредени, но тоа засега не може да се потврди официјално.
Локалните власти соопштија дека испратиле итни служби во областа, пренесе медиумската агенција РИА Новости.
Гувернерот на Ростов, Василиј Голубев, изјави дека пожарот во јужниот руски град се чини дека бил предизвикан од електричен краток спој.
„Ширењето на пожарот предизвика експлозија на резервоари за гориво“, напиша тој во порака објавена на социјалната мрежа Телеграм.
„Околните згради беа евакуирани и властите отворија истрага“, додаде во пораката Голубев, кажувајќи дека пожарот се проширил на површина од повеќе од 800 квадратни метри.