Ден по инцидентот е утврдено дека причина за пожарот на Ајфеловата кула е краток спој на електричните инсталации.
Како што јави порталот „БизБаз“, греењето и пожарот започнале на каблите кои што ги водат лифтовите. Според претходните информации, пожарот избувнал во отворот на лифтот помеѓу првиот и вториот кат на познатата кула, за што веќе пренесоа бројни медиуми.
Ајфеловата кула, чија изградба започна во 1887 година, со највисока точка на висина од 330 метри, е еден од најпознатите симболи на светот. Дневно го посетуваат меѓу 15.000 и 25.000 туристи од целиот свет.
Интересно е што на секои седум години се вршат работи за одржување на кулата за да се спречи оштетување на структурата од ‘рѓа. Досега 19 пати е извршена целосна реконструкција. Иако имаше неколку помали пожари, најсериозниот инцидент се случи во јануари 1956 година, кога пожарот во просторијата за контрола на ТВ сигналите предизвика значителна штета на врвот на кулата. Тогаш поправката траеше цела година.