Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, се чувствува добро по многу комплицираната, но успешна операција на хранопроводникот и желудникот, изјавија за порталот ,,Срна” од Кабинетот на претседателот на Српска.
– Според информациите што ги добивме од Советот на лекари, претседателот е релативно добро, се чувствува слаб и изнемоштен. Операцијата била комплицирана, а тој сè уште е на одделението за интензивна нега – истакнаа од Кабинетот на претседателот на Републиката.
Тие додадоа дека ќе следи закрепнувањето на претседателот Додик, со оглед на сложеноста и специфичноста на операцијата.
Тие изјавија дека претседателот долго време имал акутен проблем со делови од желудникот кои се движат низ отворот на хранопроводот на дијафрагмата во градниот кош, а вчера имал силни болки поради што итно бил хоспитализиран во Белград, каде се инсистираше на операција.
– Советот на лекари утре, по утринската посета ќе соопшти со нови информации за здравствената состојба на претседателот Додик – соопштија од Кабинетот.