Францускиот синџир на намирници Carrefour им порача на клиентите дека повеќе нема да ги продава производите на американскиот прехранбен гигант PepsiCo, како што се безалкохолните пијалоци Pepsi и 7up и чипсот Lay’s, бидејќи тие станале премногу скапи, поттикнувајќи војна со цените.
„Од четврток Carrefour на полиците на производите наменети за PepsiCo во продавниците во Франција ќе постави табла: Веќе нема да го продаваме овој бренд поради неприфатливите поскапувања“, изјави портпаролот на француската компанија.
Не е јасно дали компанијата ќе ги повлече производите на PepsiCo кои веќе се на полиците.
Таблите ќе бидат поставени само во продавниците на Carrefour во Франција, потврди компанијата за медиумите. PepsiCo не одговори на барањето на медиумската агенција Reuters за коментар на објавата. Американската компанија во октомври објави дека планира „малку“ да ги зголеми цените во 2024 година, бидејќи зголемувањето на цените на другите работи и наштети на побарувачката, додека по трет пат ја зголеми проценката на профитот за 2023 година.
Практиката на суспендирање на нарачките од производителите на стоки за широка потрошувачка се прошири низ Европа минатата година, сигнализирајќи го високиот влог во преговорите за цените во период на висока инфлација. По особено остриот однос кон производителите на стоки за широка потрошувачка се издвои Carrefour, кој лани покрена кампања за ставање налепници на поскапените производи, со намалена амбалажа.
За да ја скроти инфлацијата, Владата побара од трговците и добавувачите да ги прекинат редовните годишни преговори за цената во јануари, два месеци порано од вообичаеното. Статистичкиот институт „ИНСЕЕ“ во четвртокот прелиминарно извести дека потрошувачките цени во декември пораснале за 3,7 отсто, по растот од 3,5 отсто во претходниот месец, што забележително се рефлектира со растот на цените на енергијата.