Нејмар се прероди откако се врати во Сантос, а на седум натпревари успеа да постигне три гола и да забележи исто толку асистенции.
Неговото оживување го забележа и селекторот Доривал Јуниор, кој го повика Нејмар во репрезентацијата на Бразил за квалификациите за Светското првенство против Колумбија и Аргентина.
Така, најдобриот стрелец во историјата на Бразил (79 голови) се враќа во репрезентацијата по година и пол, а последниот натпревар му беше на 18 октомври 2023 година против Уругвај во квалификациите за Светското првенство. На тој натпревар Нејмар тешко го повреди левото колено.
– Нема потреба да се кажува што претставува Нејмар. Тој моментално минува низ процес на опоравување. Тој има квалитет да биде одлучувачки фактор и се надеваме дека ќе се врати, изјави Доривал Јуниор.
Првиот натпревар по враќањето во националниот тим Нејмар ќе го одигра против Колумбија на 21 март, додека пет дена подоцна ќе се игра натпреварот против Аргентина.