Неговиот татко бил премиер, неговата сестра министер за надворешни работи, а неговиот внук е актуелен градоначалник на Атина.
Висок, тенок и фит, Киријакос Мицотакис обично носи бела или светло сина кошула, а политиката му тече низ вените. Вака аналитичарите накратко го опишуваат грчкиот премиер кој победи на парламентарните избори во земјата на 18 јуни. За време на неговата изборна кампања, тој ги откажа вратоврските и се одлучи за селфи со тинејџери, потег што многумина го оценуваат како чекор со модата и технологијата.
Пред неколку недели го започна вториот мандат на чело на Грција, но во реалноста тој е во политиката од раѓање. Мицотакис е роден во Атина во 1968 година, потекнува од моќна политичка династија. Неговиот татко Константинос Мицотакис беше премиер од 1990 до 1993 година. Неговата сестра Дора Бакојани е првата жена градоначалник на Атина и поранешен министер за надворешни работи, а нејзиниот син Костас Бакојани е актуелен градоначалник на грчката престолнина. Сопругот на неговата сестра – Павлос Бакојани, кој беше пратеник од „Нова демократија“, беше убиен на 26 септември 1989 година од тројца членови на терористичка група пред неговата канцеларија во центарот на Атина.
Набргу по раѓањето на Кирјакос, неговиот татко Константин бил уапсен од грчката воена хунта откако бил прогласен за „персона нон грата“ во 1967 година. Семејството успеало да побегне во Турција со помош на поранешниот турски министер за надворешни работи Ихсан Сабри Чаглајангил, кога Кирјакос бил на возраст од само една година. После тоа, семејството живеело во егзил во Париз. Тие се вратиле во Грција во 1974 година по обновувањето на демократијата во земјата.
Заедно со социјалистот Папандреу и конзервативното семејство Караманлис, семејството Мицотакис со години доминира во грчката политика. Кланот на премиерот заработи репутација на реформисти долго пред Киријакос да се кандидира за премиер во 2019 година. Кога неговиот татко Константинос стана премиер во 1990 година, државата контролираше околу 70 отсто од економијата.
Постариот Мицотакис се впушти во амбициозна програма за приватизација. Ги либерализираше банкарството, воздушниот транспорт и телекомуникациите. Преку низа зделки за јавно-приватно партнерство го создаде аеродромот во Атина, метрото, обиколницата на главниот град и најдолгиот јаже мост во Европа над Коринтскиот залив.
Кога конзервативната Нова демократија на Мицотакис беше соборена од власт во јануари 2015 година од страна на радикалната левица Сириза, во земјата имаше чувство на револуција. Старата гарда беше збришана и обвинета дека дозволила економијата да живее над нејзините можности толку долго што потоа ги казнувала Грците со строго штедење. Сепак, Мицотакис, кој беше дел од последната конзервативна влада пред Сириза, работејќи како министер за административни реформи, со задача да отпушти илјадници државни службеници за да ги исполнат строгите услови на меѓународната финансиска помош, се врати во политиката на бел коњ во 2019 година.
„Со својата решителна проукраинска позиција, Грција повторно се смета за столб на стабилноста во ЕУ и НАТО. Администрацијата на Бајден сега го третира како доверлив сојузник, откако го покани Мицотакис да зборува пред американскиот Конгрес минатата година. Но, поправањето на имиџот на Грција во странство немаше да биде доволно ако тој не дадеше резултати и дома. И покрај пандемијата и војната, економијата е веќе во подобра форма“, коментираат аналитичарите за првиот мандат на премиерот. Според нив, сепак, неговиот менаџмент не бил идеален и премиерот се уште е далеку од тоа да се нарече „господин совршен“.
Неговата влада е обвинета за голем скандал за прислушување на опозицијата и новинарите, поради што се соочи со гласање недоверба овој јануари. Железничката несреќа која се случи во Темпи е уште еден доказ за познатата неефикасна грчка администрација, додаваат експертите. Сепак, тие веруваат дека Мицотакис може да стане реформатор како што вети дека ќе биде, ослободувајќи ја економијата од прекумерна регулација и моќни картели, како и зајакнување на владеењето на правото.
Актуелниот премиер на Грција е магистер по меѓународни односи на Универзитетот Стенфорд и МБА од бизнис школата Харвард. Тој е поранешен банкар и работел во деловните консултантски фирми Chase Manhattan Bank и McKinsey and Company во Лондон. Мицотакис е и поранешен извршен директор на Националната банка на Грција. На 10 јануари 2016 година е избран за лидер на политичката партија „Нова демократија“.
Актуелниот премиер открива дека сонувал да стане кошаркар,
ја обожува сопругата Марева Грабовски и ја гледа серијата „Емили во Париз“ на Нетфликс за да се опушти од напорниот распоред. Има 3 деца – Софија, Константин и Дафне.
Неговата сопруга често се нарекува прва дама, иако таа чест генерално и се доделува на сопругата на претседателот.
Сепак, Грците ја претпочитаат Грабовски-Мицотакис како прва дама, бидејќи таа има корени од Грција, Египет и Полска. Студирала политички науки на Бостонскиот колеџ, а потоа и политичка економија на Универзитетот Колумбија. За време на постдипломските студии по бизнис администрација на Универзитетот Харвард, таа го запознала својот иден сопруг во 1995 година.
„Се запознавме преку пријатели на Харвард. Да се омажам за неа беше најдобрата одлука во мојот живот“, вели Мицотакис. Марева е ко-основач на Zeus+Dione, компанија за рачно изработени висококвалитетни производи.