– Претставници на американските служби за спроведување на законот денеска се состанаа на Менхетен за да разговараат за обвинението против поранешниот американски претседател Доналд Трамп, што може да биде поднесено или вечерва или најдоцна до среда, како и за неговото можно апсење, меѓу другото, и поради подмитување на порно ѕвездата Сторми Даниелс за време на претседателската кампања во 2016 година, јави американскиот сајт „Политико“, повикувајќи се на три неименувани извори вклучени во случајот.
На состанокот во седиштето на Полициската управа на Њујорк (NYPD), покрај претставници на овој оддел, присутни беа и претставници на американската тајна служба, судски службеници и службеници од канцеларијата на окружниот обвинител на Менхетен, Алвин Брег.
-Ќе разговараме за тоа како да го притвориме Трамп, изјави изворот, додавајќи дека се уште не е донесена конечната одлука.
Канцеларијата на окружниот обвинител на Менхетен, Алвин Брег истражува тајна исплата од 130.000 долари, направена од Мајкл Коен, поранешен близок соработник на Трамп, на порно ѕвездата Сторми Даниелс за време на претседателската кампања во 2016 година.
Кога запечатеното обвинение ќе биде доставено до судијата, обвинителството ќе разговара за тоа како Трамп да се предаде, изјави неименуваниот судски функционер, додавајќи дека доколку Трамп не се предаде, по него ќе биде распишана потерница.
Трамп во саботата самиот соопшти дека, според протечените информации, очекува да биде уапсен во вторник и притоа ги повика приврзаниците на протести.
Портпаролот на Трамп, меѓутоа, кажа дека поранешниот претседател не бил информиран за никакво претстојно апсење.