На 1 Мај, наместо на марш, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) ќе протестира, а причини за големиот протест се најниските плати во регионот, кои не се зголемуваат во согласност со потпишаните договори додека владата и работодавците одбиваат да ја зголемат минималната плата на 500 евра и сите други плати за најмалку 100 евра.
Во интервју за „Фокус“, претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов апелира работниците да покажат единство оти живеат од плата, а не од политика и масовно да излезат да го искажат незадоволството.
Тој неодамна даде идеја, неговата плата и платите на сите избрани и именувани функционери платата да им бидат 500 евра, но да биде донесен закон за минимална плата од 500 евра, но никој од функционерите не се одважи.
– За жал, до денеска не, иако лично сум подготвен во следниот период тоа да го направиме заеднички. Предлогот беше даден за тие да дојдат на нивото на работниците и на макар една година да почувствуваат со што се соочуваат работниците со минималната плата. Платата од 24.400 е недоволна, дури и 30.000 денари за некое време ќе биде малку и затоа предлогот беше даден од неколку причини.
Главната причина беше да ја сфатат работничката потреба од зголемување на платите. Друго беше што упатуваа критики кон мене, кон раководството на ССМ дека 50 или 60 илјади денари е многу голема плата и дека не требало да бараме зголемување на минималната плата. Затоа кога од 150 или 120.000 денари ќе дојдете на 30.000 денари, веројатно ќе размислувате исто како нас, истакна Трендафилов.