Министерството за финансии на Германија воведе замрзнување на трошоците за сите сојузни министерства, продлабочувајќи ја буџетската криза што ја потресе владејачката коалиција по судската одлука минатата недела.
Одлуката на Министерството за финансии на Германија да ги стопира повеќето нови одобренија за трошење уследи по одлуката на Уставниот суд минатата недела, која остави дупка во владината каса од 60 милијарди евра, пишува Politico.
Владата сега се подготвува за можноста за многу пошироки финансиски импликации кои произлегуваат од пресудата, што би можело да ја ограничи нејзината способност за повлекување пари од различни специјални фондови формирани за да се заобиколи „сопирачката за долгот“ на земјата, која го ограничува федералниот дефицит на 0,35 отсто од БДП, освен во вонредни ситуации.
Во писмото до сите министерства, државниот секретар Вернер Гацер вели дека Министерството за финансии на Германија ги замрзнува трошоците за да избегне дополнителни оптоварувања во идните финансиски години.
„Овој чекор не влијае на веќе преземените финансиски обврски“, изјави вчера генералниот секретар на СПД, Кевин Кинерт.
Членовите на буџетската комисија на Бундестагот утрово одржаа јавна расправа со правни експерти за да го оценат влијанието на минатонеделната судска одлука.
„Иако финансискиот јаз од 60 милијарди евра по пресудата теоретски се протега во текот на неколку години, во пракса ефектот ќе биде понепосреден“, тврди Тис Бутнер, професор од Универзитетот во Ерланген-Нирнберг.
„Потребна е консолидација во планирањето на буџетот за следната година од 52 милијарди евра“, тврди тој.
Неможноста на Владата да ги најде парите потребни за финансирање на нејзината сеопфатна агенда за забрзување на зелената транзиција и заштита на германската индустрија од високите трошоци за енергија доведува до зголемени повици од левицата до Владата да ја прекине сопирачката за долгот со прогласување вонредна состојба, а тоа го направи за време на пандемијата со вирусот Ковид-19.
Членовите на Слободната демократска партија (ФПД) досега се спротивставија на повиците да се прекине сопирачката за долгот. Финансискиот експерт од редовите на ФПД, Кристијан Линднер, минатата недела тврдеше дека одлуката на уставниот суд не го оправдува суспензијата на должничката кочница.
„Ќе треба да правиме поефективни политики со помалку пари отколку во последната деценија“, вели тој.
Сепак, други во Владата се залагаат за фундаментална реформа на должничката сопирачка што беше воведена во 2009 година.
„Начинот на кој е конструирана германската должничка кочница не е доволно интелигентен“, изјави министерот Роберт Хабек за ARD.
Кочницата за долгот, вели тој, е создадена во едно поинакво време, кога секогаш имавме евтин гас од Русија, кога Кина беше секогаш нашиот пазар за купување и кога Американците секогаш беа сигурни, лојални пријатели и го симнуваа воениот товар од нашите рамења, бидејќи во Европа немаше војна.
„Тие времиња сега се завршени“, додаде Роберт Хабек, пренесува Politico.