Премиерот на Португалија, Антонио Коста, поднесе оставка во вторникот откако полицијата упадна во неговата службена резиденција како дел од истрагата за проневера со литиум, пишува угледниот Politico.
Кабинетот на премиерот соопшти дека тој треба да и се обрати на нацијата подоцна денес.
Неколку згради на португалската Влада беа претресени денес како дел од истрагата за наводни незаконитости при склучување зделки поврзани со литиум и таканаречен чист водород, соопштија официјални лица, додека локалните медиуми објавија дека се приведени две лица блиски до премиерот.
Politico објави дека се приведени најмалку пет лица, меѓу кои и првиот човек на кабинетот на премиерот Антонио Коста, Витор Ескари и деловниот консултант Диого Лакерд Макада, кој е пријател на премиерот.
Меѓу приведените е и градоначалникот на градот Синес, како и двајца претприемачи, според Politico, посочувајќи дека има инвестициски планови за изградба на водородни постројки во Синес.
Кабинетот на Антонио Коста потврди дека биле претресени просториите на Владата, но одбија дополнително да коментираат, објави медиумската агенција Reuters.
Според локалните медиуми, истражителите денес извршиле претрес на повеќе владини згради, меѓу кои и официјалната резиденција на премиерот, Министерството за животна средина и Министерството за инфраструктура во Португалија.
Португалската полиција за Reuters изјавиле дека нејзините службеници им помогнале на истражителите при претресот.
Државните обвинители во јануари објавија дека се спроведува истрага за деловни проекти за литиум и водород, но не ги наведоа имињата на осомничените во тоа време.
Со 60.000 тони откриени резерви, Португалија веќе е најголемиот европски производител на литиум.