Основното јавно обвинителство Тетово донесе наредба за развој на истражна постапка против две лица кои како соизвршители сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.
Јавното обвинителство соопшти дека на 28 август двајцата осомничени во атарот на село Палатица носеле наркотична супстанца марихуана.
Полицајците ги откриле во импровизирана шупа додека ја препакувале дрогата за понатамошна продажба. Пронајдени и одземени се околу 78 грама марихуана во неколку помали пакувања.
При апсењето, еден од осомничените турнал и удрил полицаец при што го повредил, но набрзо бил уапсен.
За него е започната и постапка за – Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд Тетово поднесе предлог за определување мерка притвор за осомничените.
Судот го прифати предлогот и на двајцата им одреди мерка притвор од 30 дена.