Полицијата заплени документи од општина Чаир и Министерството за транспорт во врска со нелегални градби

Во среда, на 23 јули, полициски службеници од Одделот за борба против организиран криминал при Министерството за внатрешни работи запленија документација од Општина Чаир и Министерството за транспорт и врски во врска со нелегални градби за кои градоначалничката на Градот Скопјe, Данела Арсовска, алармира подолго време.

Од Министерството за внатрешни работи за „Слободен Печат“ велат дека ова го сториле откако претходно добиле наредба од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и наредба од судија во претходна постапка.

„На 23.07.2025 година, врз основа на Наредба од судијата на претходна постапка, полицијата од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи заплени документација од Општина Чаир и Министерството за транспорт и врски“, велат од МВР.

Инаку, градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, поднесе кривична пријава до Обвинителството за организиран криминал и корупција против градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, и неколку други вработени во општината, во која наведува дека општината е осомничена за користење на фалсификуван регистар во кој се евидентираат барањата за легализација на неовластени градби.