Пет ковчези завиткани во француски знамиња на кои пишува „француски војници во Украина“ се пронајдени во близина на Ајфеловата кула во Париз.
Како што пренесува АФП, полицијата уапсила три лица во врска со инцидентот, пренесува Телеграфи.
Околу 09:00 часот во саботата, три лица оставија пет ковчези на Кеј Бранли во Париз, во близина на Ајфеловата кула. Во ковчезите имало гипс.
Возачот на камионот кој ги превезувал ковчезите бил уапсен во близина. Тој на париската полиција изјавил дека му биле исплатени 40 евра за да превезе уште две лица и нивниот товар.
Според АФП, возачот пристигнал од Бугарија претходната вечер.
Двајца други осомничени подоцна беа уапсени од другата страна на Париз, на автобуската станица Берси, каде што требаше да се качат во автобус за Берлин. Еден од уапсените бил Украинец, а другиот Германец.
Нивниот мотив е нејасен, но натписот на ковчезите најверојатно се однесува на дискусиите за можноста за испраќање западни трупи во Украина, иницирани од францускиот претседател Емануел Макрон.