Рускиот претседател Владимир Путин предложи Андреј Трошев, еден од високите функционери на платеничката група, да ја преземе командата на групата Вагнер, објави Си-Ен-Ен повикувајќи се на руски Комерсант, кој објави детали од средбата на шефот на Кремљ со водачите на платеничката група.
Си-Ен-Ен објави дека Путин очигледно успеал да создаде јаз меѓу постарите борци на Вагнер и водачот на групата Евгениј Пригожин на состанокот организиран по неуспешниот бунт и маршот кон Москва.
Бројни награди
На тој состанок Путин предложил Андреј Трошев, чие кодно име е Седи, да ја преземе командата на Вагнер, но Пригожин не се согласил. Трошев наводно командувал со членовите на Вагнер на терен во последните 16 месеци.
Трошев (70) е пензиониран полковник на руската армија и е извршен директор на „Вагнер“, според документите на Европската унија и Франција. Тој беше на чело на операциите на Вагнер за време на конфликтот во Сирија и имаше поддршка од Башар ал Асад, претседателот на Сирија.
Како Путин и Пригожин, и Трошев е роден во тогашниот Ленинград.
-Андреј Трошев беше директно вклучен во воените операции на Вагнер во Сирија. Тој беше одговорен за областа околу провинцијата Деир ез-Зур. Благодарение на ова, Трошев даде клучна поддршка на напорите на сирискиот претседател Башар ал-Асад и неговите поддржувачи. Негови соработници се основачот на Вагнер, Димитриј Уткин, кој е и поранешен офицер на воената разузнавачка служба ГРУ, како и командантите Александар Сергеевич Кузњецов и Андреј Богатов – се наведува во документите на Европската унија, која воведе санкции за командантите на Вагнер во декември 2021 година.
Ветеран на војните во Чеченија и Авганистан
Велика Британија воведе санкции за Трошев и другите водачи на Вагнер во јуни 2022 година.
-Андреј Николаевич Трошев е извршен директор на Вагнер и го поддржуваше сирискиот режим како припадник на полицијата која ги репресираше цивилите во Сирија – се наведува во британските документи.
Рускиот медиумски портал Фонтанка наведува дека Трошев бил член на тимот за брза интервенција на МВР и дека е ветеран од војните во Чеченија и Авганистан. За неговата служба во Авганистан, Трошев беше награден со два ордени на Црвена звезда – награда на СССР за исклучителни заслуги. За заслугите во Чеченија е одликуван со два ордени за храброст и Орден за заслуги за татковината, втор степен.