Околу половина од сите нови автомобили се премногу широки за типичен паркинг простор во европските градови, според една нова студија, додека се апелира да се смени трендот за купување теренци и СУВ возила.
Според кампањата на Европската фередација за транспорт и животна средина- групација на невладини организации позната како Транспорт и животна средина (Transport & Environment), просечниот нов автомобил станува 1 сантиметар поширок на секои две години, а типичната ширина на автомобилот сега е 180,3 сантиметри, од 177,8 сантиметри во 2018 година.
Групата вели дека меѓу 100-те најпопуларни автомобили во Европа, 52 се премногу широки за типичен уличен паркинг простор од 180 сантиметри во големите градови како Лондон, Париз и Рим. Исто така, се вели дека зголемениот број на големи теренци „остава премал простор за патниците да влезат и излезат од возилото“.
„Автомобилите со децении стануваа пошироки и овој тренд ќе продолжи сѐ додека не поставиме построга граница. Во моментов, законот дозволува новите автомобили да бидат широки колку камионите. Резултатот се големи теренци и пикапи во американски стил паркирани на нашите тротоари, загрозувајќи ги пешаците, велосипедистите и сите останати на патот“, рече Џејмс Никс, шеф на политиката за возила во Транспорт и животна средина.
Трендот кон пошироки возила го намалува просторот на патиштата достапен за други возила и велосипедисти додека паркираните автомобили дополнително навлегуваат по пешачките патеки. Пошироките дизајни, исто така, овозможија дополнително да се подигне висината на возилата, и покрај тоа што податоците од судирите покажуваат дека зголемувањето на висината на предните делови на возилото за 10 см носи 30% поголем ризик од смртни случаи при судири со пешаци и велосипедисти.
Истражувањето беше објавено додека Париз се подготвува да гласа за зголемување на таксите за паркирање за поголеми и потешки автомобили, особено за теренци.
На 4 февруари се одржува референдум за тројно зголемување на цената на паркирањето за вакви возила, иако тоа не би се однесувало на жителите на Париз, туку на оние кои го посетуваат.
Барбара Стол, директорка на Кампањата за чисти градови,(Clean Cities Campaign) вели: „Монструозните СУВ возила се закана за урбаното ткиво на нашите градови. Ако не дејствуваме сега, сѐ повеќе и повеќе од нашиот скапоцен јавен простор ќе им биде одземен на луѓето со сè поголеми автомобили – ова не е почиста, посветла и позелена иднина што ја сакаат граѓаните. На 4 февруари, парижаните имаат единствена можност да го предводат патот и да кажат не на овие загадувачки и опасни гиганти кои ги заземаат нашите улици“.
TRT Balkan