Полската владејачка партија Право и правда (ПиС) се најде на удар на критики за смртта на 15-годишниот син на пратеник од опозицијата, кој изврши самоубиство по објавувањето на извештајот во кој е идентификуван како жртва на педофил, објави The Guardian.
Во вторникот полскиот парламент одржа едноминутно молчење за Миколај Филикс, за време на неговиот погреб. Неговата мајка Магдалена Филикс, пратеник од главната полска опозициска партија, Граѓанска платформа, кажа дека тој починал на 17. февруари. Погребот се одржа во вторникот во Шчечин, нејзиниот роден град, еден ден пред Миколај да наполни 16 години.
Тинејџерот си го одзел животот неколку недели откако Радио Шчечин, дел од државната полска радио мрежа, во извештај откри детали за жртвите на осудениот педофил. Неговото име не е објавено, но се дадени доволно детали за јавноста да го идентификува.
Магдалена Филикс не соопшти детали за смртта на нејзиниот син, но побара од медиумите да ја почитуваат приватноста на нејзиното семејство и да се држат настрана од погребот на нејзиниот син, на кого му го дала прекарот Мики.
Radio Szczecin во декември ја откри и возраста на малтретираните малолетници и фактот дека едно од нив е дете на пратеник.
Тие исто така објавија дека осудениот педофил, чие судење се одржа зад затворени врати за да се заштитат жртвите, бил поранешен член на Граѓанската платформа како и кандидат на изборите и ЛГБТ активист.
Оваа приказна, која беше нашироко пренесена од други државни медиуми, предизвика ужас и гнев кај претставниците на опозицијата во Полска, а поддржувачите на опозицијата тврдат дека национално-конзервативната партија ПиС ја оркестрирала приказната за политичка корист и е барем делумно одговорна за смртта.
Правото и правдата цврсто ги контролира полските медиуми и кампањите против правата на ЛГБТ. Поддржувачите на ПиС, од друга страна, сугерираат дека Граѓанската платформа намерно ја прикрила првобитната пресуда за злоупотреба.
Доналд Туск, поранешен полски премиер и прв човек на Европскиот совет, на социјалната мрежа Твитер вети дека – „ќе ја бара владејачката партија одговорна за секое злосторство, за сите човечки штети и трагедии што ги предизвикале додека биле на власт“.
Радослав Сикорски, полски европратеник и поранешен владин министер, кажа дека случајот го покажува степенот на соработка меѓу обвинителите и медиумите управувани од ПиС, додавајќи дека таквите операции биле „планирани и рутински се користат за уништување на политичките ривали“.
Шимон Холовнија, прв човек на опозициската партија Полска 2050, кажа дека – „нема зборови што можат да донесат утеха“.
„Никој да не се сомнева дека ќе дојде време на пресметка за оние чии зборови носат смрт“, порача тој.
Томаш Дуклановски, новинарот кој ја објави приказната, наводно рекол дека тоа го направил за да покаже дека не само Католичката црква прикрива злоупотреба на деца.
The Guardian пишува дека ПиС почнала да презема директна контрола врз полските државни медиуми веднаш по победата на изборите во 2015 година, а бројни меѓународни извештаи оттогаш тврдат дека државните телевизии и радио станици се гласноговорници на владината пропаганда.
Поддржувачите на власта ја обвинија опозицијата дека ја организира трагедијата. Министерот за образование Пшемислав Чарнек на државната телевизија TVP кажа дека е лошо за општеството што случајот не бил пријавен порано.
„Истите луѓе кои толку гласно викаат за борбата против педофилијата кријат педофили во своите редови“, итакна Чарнек.
Истрагата за смртта е во тек, а Националниот совет за радиодифузија покрена истрага за да се утврди дали станицата емитувала содржини што овозможувале идентификација на децата жртви, со што сериозно ја загрозувале нивната благосостојба.