Претседателот на Полска, Анджеј Дуда, изјави дека е подготвен да крене нова „железна завеса“ за да ја држи Русија подалеку.
„„Подготвен сум Железната завеса повторно да се крене доколку ќе морам да се справам со агресивна држава преку источната граница која сака да ги убие соседите, да им ја одземе земјата и да им ја одземе слободата“, рече Дуда вчера во латвискиот главен град Рига, каде разговараше со неговиот латвиски колега Егилс Левитс.
Нагласи дека Полска ќе направи сѐ да ја спречи војната во Европа и затоа ги подобрува своите воени способности на одбрана.
„Денес, вистинската цел на руските лидери, а пред се на Владимир Путин, е повторно воспоставување на Руската империја. Ние сме против оваа војна и ќе направиме се за да ја држиме подалеку од нашите врати“, рече Дуда.
Тој изјави дека руската војна против Украина предизвика значителни промени во начинот на кој многу луѓе гледаат на светот, особено во однос на безбедноста и иднината.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки во понеделникот објави дека Полска планира да ги зголеми трошоците за одбрана на четири отсто од бруто домашниот производ оваа година.
Полска потпиша серија договори за оружје во последниве години за да ги зајакне своите одбранбени способности, вклучително и купување на самоодни хаубици, тенкови, напредни ракетни системи, воени авиони од САД и Јужна Кореја и турските беспилотни летала ТБ-2 Бајрактар.