– Полскиот вицепремиер Јарослав Качински изјави дека Владата на Полска одлучила да ја зајакне источната граница на земјата поради присуството на руската паравоена група Вагнер во Белорусија.
Говорејќи по состанокот на Комитетот за безбедност, Качински, кој е и шеф на полската владејачка партија Право и правда, рече дека можеби има 8.000 борци од групата Вагнер во соседната земја.
„Затоа беа донесени одлуки за зајакнување на одбраната на источната граница на Полска“, рече тој.
Тој објасни дека мерките ќе вклучуваат зајакнување на полските сили стационирани во близина на границата и градење бариери во регионот.
Качински истакна дека присуството на платеничката група во Белорусија претставува опасност не само за Украина, туку и за соседните земји како Литванија и Полска.
Тој рече дека присуството на групата Вагнер во Белорусија може да означи нова фаза на хибридна војна.
Во саботата паравоената група Вагнер го обвини руското Министерство за одбрана дека ги напаѓа нејзините борци.
Тогаш основачот на групата Вагнер, Евгениј Пригожин, го прогласи „Маршот на правдата“ и со своите сили ја премина украинската граница и влегоа во рускиот град Ростов на Дон, каде што ги окупираа клучните воени објекти.
Пригожин рече дека неговите борци ќе се движат кон Москва, што го натера Кремљ да ги заостри безбедносните мерки во различни региони на Русија.
Тој подоцна рече дека неговите борци решиле да се вратат назад за да избегнат крвопролевање кога биле на 200 километри од Москва, додека белорускиот претседател Александар Лукашенко рече дека разговарал со шефот на Вагнер со согласност на Владимир Путин, рускиот претседател, и Пригожин го прифатил договорот за деескалација.
Во согласност со договорот со посредство на Лукашенко, кој ја смири кризата доцна во саботата, надлежните институции на Руската Федерација го затворија кривичното дело против Пригожин, кој се наоѓа во Белорусија.