Амбасадорот на Полска во Франција, Јан Емерик Росчишевски, во интервју за француските медиуми изјави дека може да се појави ситуација во која Полска ќе мора да војува доколку Украина не може да се одбрани од Русија.
„Не е НАТО, Полска или Словачка кои вршат зголемен притисок, туку Русија, која ја нападна Украина. Русија, која ги окупира териториите. Русија, која го убива сопствениот народ. И Русија, која киднапира украински деца. Значи, или Украина ќе ја брани својата независност, или ќе мора да влеземе во овој конфликт. Затоа што ќе бидат загрозени нашите главни вредности кои беа основа на нашата цивилизација и култура. Така нема да ни остане ништо друго освен да влеземе во конфликтот“, изјавил Росчишевски.
По коментарот на амбасадорот, полската амбасада во Франција објави соопштение во кое се вели дека некои медиуми го толкуваат амбасадорот „надвор од контекст“.
„За време на триесетминутниот разговор со уредникот, амбасадорот Росчишевски се залагаше за потребата сојузниците да ја поддржат Украина. Тој зборуваше и за заканата што Русија ја претставува за Европа и европските вредности“, соопштија од амбасадата.
Тие додаваат дека „ако некој внимателно се слуша“ целиот разговор станува јасно дека нема најава за директно вклучување на Полска во конфликтот, туку само предупредување за последиците што може да ги има украинскиот пораз, можноста за руски напад или вклучување на повеќе централноевропски земји, балтичките држави и Полска.