Полскиот хотелски синџир „Арче груп“ започна необична кампања во која нуди награди и бенефиции за паровите кои ќе зачнат бебе за време на нивниот престој, во обид на хумористичен начин да ја поттикне стапката на наталитет во земјата.
Полска со години се соочува со намалување на бројот на бебиња , а стапката на наталитет падна на една од најниските во Европа. Сакајќи да поттикне позитивни промени, сопственикот на хотелскиот синџир „Арче“ , познатиот бизнисмен Владислав Грочовски, започна кампања која веднаш го привлече вниманието на јавноста.
Според правилата, паровите кои престојуваат во еден од 23-те хотели од овој синџир, а подоцна докажат дека зачнале дете во тој период, добиваат бесплатна прослава по породувањето и посебни бенефиции. Вработените во компанијата и купувачите на недвижности во рамките на оваа група дури можат да добијат и паричен бонус до 10.000 злоти (околу 2.200 евра) за дете родено во следните пет години.
Од необична идеја до вирален феномен
Оваа оригинална кампања набрзо стана вирална. Социјалните медиуми се преплавени со коментари – од оние кои ја гледаат идејата како симпатичен начин за подигање на свеста за демографскиот пад, до оние кои го сметаат потегот за малку провокативен.
Сепак, Гроховски инсистира дека мотивот е хуман и општествено одговорен:
– Нашата цел не е сензација, туку вистинска поддршка за семејствата. Сакаме да ги инспирираме луѓето да создаваат живот, љубов и безбедност – изјави тој за локалните медиуми.
Сместување со мисија
Овој гест, иако необичен, одразува поширок тренд во Полска – обиди за користење креативни пристапи за поттикнување на растот на наталитетот. Владите, компаниите и локалните заедници сè повеќе нудат разни стимулации, од даночни олеснувања до субвенции за родителите.
Додека многу туристи сега на шега планираат „романтичен продолжен викенд во Полска“, идејата на Arche Group покажува дека бизнисот може да игра улога и во решавањето на социјалните предизвици – понекогаш на неочекувано хумористичен начин.