Пред 29 години на 3 октомври беше убиен првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров, кој преживеа со тешки повреди на главата. На местото на атентатот животот го загуби неговиот возач Александар Спировски, а повреден е телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски. Од повреди животот го загуби и случаен минувач Христо Христоманов, а повредени се и Климе Коробар и Јован Атанасовски.
Од истрагите било утврдено дека атентатот бил добро подготвен и организиран. Не се знае кој стои зад нападот, додека истражната постапка против непознат сторител се уште е отворена.
Нападот е извршен со автомобил-бомба во 1995 година во 09:50 часот на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол“ во Скопје кога Глигоров со службен автомобил се движел од својот стан кон работното место во Собранието.
20 килограми експлозив биле сокриени во автомобил „цитроен ами 8“, активиран со далечински управувач кога возилото на Глигоров се движело кон зградата на Собранието. Пред експлозијата, службеното возило на претседателот на улицата „Македонија“ било забавено од друг автомобил.
Во истрагата проверени се 30.850 возила, проверени се над 15.000 предмети и идентификувани над 188.000 лица, од кои проверени се 19.000. Министерството за внатрешни работи изврши неколку информативни интервјуа со лица кои ги сметаше за можни извршители на атентатот, но сите беа ослободени по распитот.
Киро Глигоров почина на 1 јануари 2012 година на 94-годишна возраст.