Помошникот на Клоп одбил да го преземе Ливерпул

Помошникот на Јирген Клоп во Ливерпул, Пеп Линдерс, даде интересно признание, велејќи дека изминатите неколку сезони ја одбивал понудата да го наследи Германецот на менаџерската функција на „црвените“.

Впрочем, и Линдерс пред неколку дена го напушти Ливерпул и си тргна по својот пат. Холанѓанецот беше назначен за главен тренер на австриски РБ Салцбург.

-Јирген донесе одлука да си замине и јас бев многу свесен дека е вистинското време да тргнам по својот пат. Во последните три години реков не на многу клубови. Причината поради која останав секој пат беше мојата лојалност кон Јирген и ФСГ (сопствениците на Ливерпул). Навистина сакав да заминам и да покажам што можам, призна Линдерс.

Запрашан дали некогаш бил кандидат за местото на Јирген Клоп во Ливерпул, Линдерс рече: „Јирген тоа ме праша неколку пати во последните години. Тој ме праша еднаш минатата сезона и двапати оваа кампања, но мојот одговор секогаш беше не. Првата причина е фактот што мислам дека тоа беше „наш“ проект. Јирген го водеше и навистина мислев дека треба да го завршиме заедно. Второ, јас сум во Ливерпул скоро десет години. Подготвен сум за нов предизвик. Дадов се за овие фудбалери овде. Мислам и дека ако останам тука, тимот ќе продолжи на ист начин“.