– Бројот на жртви од катастрофалните поплави во американската држава Тексас се зголеми на 109, додека продолжуваат напорите за пребарување и спасување на повеќе од 160 исчезнати лица.
Гувернерот на Тексас, Грег Абот, даде изјава за медиумите во врска со катастрофалните поплави како последица на обилните дождови што го зафатија подрачјето на 4 јули.
Информирајќи дека бројот на луѓе кои ги загубија животите во државата поради поплавите се зголеми на 109, гувернерот Абот извести дека 161 лице се водат за исчезнати само во округот Кер. Тој не сподели информации за вкупниот број на исчезнати лица во државата.
Абот истакна дека напорите ќе продолжат сè додека не се пронајдат сите исчезнати.
Реката Гвадалупе се излеа на 4 јули во округот Кер, во јужната американска држава Тексас, по ненадејните обилни дождови, предизвикувајќи поплави.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, го прогласи округот Кер за област на катастрофа.
Републиканските локални претставници во државата ја критикуваа Националната метеоролошка служба, чиј буџет е намален како дел од политиките за штедење на претседателот Трамп, за тоа што не обезбедила соодветно предупредување и точни прогнози пред катастрофата.