Монсунските дождови и надојдените води на реките од Индија предизвикаа големи поплави во североисточниот дел на Бангладеш, погодувајќи повеќе од два милиони луѓе, а ситуацијата може да продолжи да се влошува, јавија светските агенции, цитирајќи официјални претставници.
Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) објави дека на заробените во водата, меѓу кои и повеќе од 772.000 деца, им е потребна итна помош.
„Децата се најранливи бидејќи се изложени на зголемен ризик од давење, неухранетост, смртоносни болести кои се пренесуваат преку вода, трауми од раселување и потенцијална злоупотреба во преполните засолништа“, рече Шелдон Јет, претставник на УНИЦЕФ во Бангладеш.
Метеоролошката служба на Бангладеш прогнозира нови обилни дождови во следните неколку дена, кои би можеле да ја влошат ситуацијата со поплавите и да предизвикаат лизгање на земјиштето во ридските области.