На денешната панел дискусија насловена „32 години на страната на младите“ свое обраќање имаше претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов кој истакна дека Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ секогаш се залагала за квалитетни економски политики кои носат нови работни места за младите луѓе и економски политики кои би му овозможиле на младиот човек полесно да стигне до свој дом.
„За овој наш 32-ри роденден го одбравме слоганот „ 32 години партнер на младите“Бидејќи навистина Унијата на млади сили низ овие 32 години секогаш беше партнер на младите или беше на страната на младите луѓе. Не секогаш проблемите биле исти, ние сега се соочуваме со едни проблеми, пред 20-тина години се соочувале со други проблеми, пред 30 години со некакви си трети проблеми, но УМС секогаш се трудела да биде во чекор со младите луѓе, да биде во дослух со нивните барања, па така тоа го правиме и ден-денес. Како Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш сме се залагале за квалитетни економски политики кои носат нови работни места за младите луѓе и економски политики кои би му овозможиле на младиот човек полесно да стигне до свој дом, бидејќи како УМС сметаме дека младиот човек кога доаѓа во оној период од својот живот и кога треба да почне да се реализира самиот себе или да создава нов дом, токму работното место, сигурната егзистенција и обезбедувањето на ктовот над глава за себе и своите поколенија кои планира да ги создаде се еден од најгорливите проблеми“, истакна Попов.
Тој исто така додаде дека УМС на ВМРО-ДПМНЕ силно се залага и за правна држава и немање на дискриминација што е една од клучните причини поради која младите се разочаруваат од својата држава и ја напуштаат за чарето да си го бараат во некоја понормална држава каде што нема да бидат дискриминирани и нема да бидат граѓани од втор или трет ред.
Попов истакна и дека Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ е најголем и најдобро организиран политички подмладок која ја има силата, енергијата и мотивот сите потреби и барања на младите луѓе да ги канализира во изборна програма која ќе биде победничка на следните парламентарни избори.
„Како Унија на млади сили сме најголем и најдобро организиран политички подмладок во државата цели 32 години и тоа продолжуваме да бидеме. Политички подмладок сме кој е најприсутен помеѓу младите луѓе, кој има најдобра структура и кој е единствен политички подмладок кој ја има силата, енергијата, мотивот и капацитетот сите барања на младите луѓе и сите потреби на младите луѓе да ги канализира во една изборна програма која би била победничка на следните парламентарни избори, а пошто ВМРО-ДПМНЕ е партијата која што ќе биде победничка, таа програма ќе се реализира затоа што ВМРО-ДПМНЕ не ги заборава младите и не ги заборава ветувањата“, потенцираше Попов.