Високиот холестерол често се нарекува „тивок убиец“ бидејќи не предизвикува видливи симптоми, но може да доведе до сериозни здравствени компликации како што се срцев удар и мозочен удар. Се дијагностицира со едноставен крвен тест, а факторите што влијаат на него можат да бидат наследни, но и поврзани со начинот на живот. Експертите истакнуваат дека поздравата исхрана и редовната физичка активност можат да имаат значително влијание врз регулирањето на холестеролот, особено кога се спроведуваат под медицински надзор и по потреба.
Една од намирниците што се издвојува сè почесто во спречувањето на акумулацијата на „лошиот“ ЛДЛ холестерол во артериите е зелениот чај. Според Medical News , зелениот чај е богат со катехини и други антиоксиданси кои можат да помогнат во намалувањето на вкупниот и ЛДЛ холестеролот. Во една студија од 2020 година, редовната консумација на зелен чај била поврзана со пониски нивоа на ЛДЛ кај испитаниците.
Покрај тоа, податоците од „Journal of the American Dietetic Association“ од 2011 година покажаа дека токму катехините од зелениот чај доведоа до значително намалување на вкупниот и „лошиот“ холестерол, додека нивоата на „добриот“ HDL не беа засегнати.
Клучните чекори за намалување на холестеролот вклучуваат намалување на внесот на заситени масти, престанок со пушење и зголемување на физичката активност
Нутриционистката од Харвард, Тереза Фунг, го опиша зелениот чај како „древен пијалок со низа придобивки за здравјето на срцето“, поради неговата висока содржина на катехини, објавува „Дејли експрес“. Таа препорача пиење три шолји дневно за да се искористат сите потенцијални придобивки, од заштита на срцето и контрола на шеќерот до подобро орално здравје.
„Постојат додатоци во исхраната со екстракт од зелен чај, но многу е поубаво да се ужива во шолја чај“, рече Фунг. Таа додаде дека во продавниците се достапни и прифатливи опции – како што е зелен чај во кесички или без кофеин.
Важно е да се напомене дека ниедна поединечна храна – дури ни зелениот чај – не може да ја замени препишаната терапија што лекарите ја препорачуваат за луѓе со висок ЛДЛ холестерол. Сепак, како дел од поширок пристап кон здравјето, пијалоците како зелениот чај можат да бидат вреден додаток.
Според препораките на NHS, клучните чекори за намалување на холестеролот вклучуваат намалување на внесот на заситени масти, откажување од пушење, зголемување на физичката активност и намалување на консумирањето алкохол – во консултација со лекар кој ќе одлучи за најдобрата терапија.