Нoво истражување носи добри вести за љубителите на темно чоколадо. Една неодамнешна студија покажа дека консумирањето темно чоколадо може да го намали ризикот од развој на дијабетес тип 2. Луѓето кои јаделе повеќе од пет порции темно чоколадо неделно имале 21 отсто помал ризик од дијабетес во споредба со оние кои ретко или никогаш не консумирале чоколада.
„Бевме донекаде изненадени од поврзаноста помеѓу потрошувачката на темно чоколадо и намалениот ризик“, рече професорот на Харвард и еден од истражувачите Др. Ки Сун за HuffPost.
Разликите меѓу видовите на чоколадо се јасни. Истражувањата не покажаа слични придобивки за млечното чоколадо, кое е поврзано со долгорочно зголемување на телесната тежина, главен фактор на ризик за дијабетес тип 2. Според Клиниката во Кливленд, препорачаната количина на темно чоколадо со повеќе здравствени придобивки е помеѓу 28 и 56 грама на ден.
Сепак, експертите предупредуваат на ограничувањата на студијата. Учесниците беа кавкаски возрасни лица над 50 години, што може да влијае на резултатите.
Покрај тоа, темното чоколадо не е единствениот начин да се намали ризикот. Редовното вежбање, здравата исхрана, одржувањето на здрава тежина и избегнувањето на пушењето се клучни за превенција.
„Голема улога во развојот на дијабетесот игра и генетиката“, истакнуваат од Американското здружение за дијабетес.
Иако дијабетесот тип 2 е неизлечив, тој може да се контролира со лекови, промени во животниот стил и редовно следење на шеќерот во крвта.