Која е Карен Мекдугал, втората жена именувана во обвинението против Трамп?
Обвинението против Доналд Трамп се фокусира на неговата исплата за да ја замолчи поранешната по*но ѕвезда Сторми Даниелс, но обвинителот спомена и друга жена додека ги читаше сите обвинувања против поранешниот американски претседател. Во официјалните документи нејзиниот идентитет е заштитен со шифрата Жена 1, но доказите покажуваат дека тоа е Карен Мекдугал, пишува Би-Би-Си. Ова е поранешната Плејбој зајачица која, како и Сторми Даниелс, исто така тврдеше дека имала вонбрачна врска со Трамп. Мекдугал рече дека тоа траело десет месеци, додека Трамп негираше дека тоа некогаш се случило. Би-Би-Си објави кратка рецензија за Карен Мекдугал.
Таа тврди дека со Трамп била во врска 10 месеци
Таа наведува дека е родена во Гери, Индијана, пред да се пресели во Мичиген како дете. Таа се занимаваше со манекенство во своите дваесетти години и се приклучи на Плејбој во 1998 година и ја освои титулата зајачицата на годината и беше прогласена за зајачица на 90-тите, втора веднаш по Памела Андерсон.
Подоцна работела како фитнес модел, станувајќи првата жена што се појавила на насловната страница на списанието Men’s Fitness во 1999 година. Потоа направила неколку ТВ реклами и помали актерски улоги, како што е улогата во филмот Charlie’s Angels од 2000 година. „Њујоркер“ во 2006 година напиша дека Мекдугал и Трамп се запознале во замокот „Плејбој“ во Лос Анџелес, каде што тој снимал епизода од неговото реално шоу „Чирак“. Потоа изјавила дека на Трамп, кој тогаш бил оженет, веднаш му се допаднала и и рекол дека е убава итн. Мекдугал тврди дека била во 10-месечна врска со Трамп и дека се гледале најмалку пет пати месечно. Во изјава за CNN, таа ја опиша врската како љубовна и (кон)сензуална.
Ексклузива за таблоид
Потоа, во 2016 година, пред претседателските избори, таа потпиша договор од 150.000 долари за да ја раскаже својата приказна за нејзината врска со Трамп исклучиво за таблоидот National Enquirer. Со потпишувањето на тој договор и беше забрането јавно да зборува за наводната афера. Сепак, написот никогаш не беше објавен и Мекдугал инсистираше на тоа дека била измамена да молчи за врската.
Намерното купување приказна, а потоа нејзино „закопување“ е познато во американските таблоиди како „фати и убиј“, а таблоидот National Enquirer наводно го направил тоа за да ги потисне негативните приказни за Трамп. Во 2021 година, Федералната изборна комисија на САД откри дека издавачот на Enquirer ги прекршил изборните закони со купување на правата за приказна за Мекдугал , која никогаш не ја објави. Утврдено е дека парите платени за време на претседателските избори во 2016 година се незаконски придонес во кампањата. National Enquirer е казнет со 187.500 долари.
Таа јавно и се извини на Меланија
На својата официјална страница, Мекдугал се претставува како модел, колумнист и застапник за правата на жените. Таа се нарекува себеси поборник за поголема свест за „болест на имплант на дојка“ откако ги отстрани во 2017 година поради претходни проблеми.
Во 2018 година, таа јавно и се извини на сопругата на Трамп, Меланија за наводната афера. „Жал ми е. Не би сакала некој да ми го направи тоа. Кога ќе погледнам назад, каде бев тогаш, знам дека не беше во ред“, рече таа. „Навистина ми е жал поради тоа. Знам дека не е во ред”.
Трамп секогаш негираше дека имал афера со Мекдугал. Обвинението со кое се соочува Трамп е единствено фокусирано на исплата на тајните пари на Сторми Даниелс. Детали за Мекдугал се содржани во изјавата за факти на окружниот обвинител, која е дадена како позадинска информација за случајот. Трамп се изјасни за невин по сите обвиненија.